Поволните ефекти на цревните бактерии врз здравјето

Незабележливи и невидливи милиони и милиони бактерии, ги нарекуваат нашите црева дом.

Иако бактериите секогаш не асоцираат на болести, вистинските бактерии во нашите црева, всушност не штитат од многу болести. Нормалната микрофлора на цревата, посебно одредени врсти на лактобацили и бифидобактерија, се поврзани со подобрување на варењето на храната, подобрена цревна перисталтика, подобрување на имуната функција на гастроинтестиналниот тракт, подобрена толеранција на лактоза (млечен шеќер), намален ризик за развој на алергии и дури и намален ризик од колоректален карцином.

Со толку бенефит од бактериите, се прашуваме како да бидеме подобри домаќини и како да ги направиме нашите цревни гости посреќни и добро нахранети? Одговорот е во продуктите на храна или суплементи кои се нарекуваат пробиотици и пребиотици. Пробиотици се всушност група на храна или додатоци во храната кои содржат живи бактерии како Лактобацилус Ацидофилус. Овие бактерии продуцираат млечна киселина и се користат со векови за производство на јогурти, кефири, кисело млеко, сирења итн. Бактеријата го претвора млечниот шеќер лактоза во млечна киселина и со тоа му дава карактеристичен киселкаст вкус и одредена густина, а со тоа и подолго траење од самото млеко, асоцирано во скоро сите култури со здравје и долг живот.

Друг тип на пробиотици се од редот на Бифидобактериум кои ако се внесуваат во доволно големи количества и редовно ,го подобруваат видливо општото здравје на консументот. Терминот пребиотици го објаснува група на хранакоја не се дигестира од гастроинтестиналниот тракт туку може само да се ферментира од страна на бактериите-пробиотици во цревата, и со тоа ги храни и го зголемува бројот на здравите бактерии во нашите црева.

Пребиотиците покрај тоа што се наоѓаат во поквалитетните додатоци на храна со пробиотиците (лактобацилус, бифидобактериум), природно ги има во интегралните житарици, бананите, кромидот, лукот, артичоките итн. По својот состав се:фруктоолигосахариди, полидекстроза, арабиногалактан, полиоли, инулин. Кога се внесуваат доволно со храната или суплементи, ја подобруваат значително абсорпцијата на калциум имагнезиум во цревата. Тие го инхибираат развојот на малите лезии во поголеми, по епителот на цревата, а со тоа имаат и протективен колоректален канцер ефект. Иако се смета дека го намалуваат нивото на триглицериди и холестерол во крвта, се уште нема доволно студии и податоци за механизмот на делување врз ингестија на липидите во цревата. 

Покрај тоа корисните цревни бактерии, служат и како механичка бариера по зидот на цревото и директно влијаат на имуната активност што ја поседува цревото (една од основните имуни бариери према надворешната средина, во организмот се меѓу другите и цревата). Добрите бактерии ја дигестираат лактозата која влегува во дебелото црево, кај луѓето со интолеранција на лактоза, а со тоа видно ги намалува симптомите и дискомфортот кај овие пациенти. Во прилог на ова: кога имаме надуени црева од непознато потекло, неодредени болки во стомакот, посебно после јадење, пробиотиците помагаат во намалување на симптомите и надуеноста со тоа што тие ги метаболизираат сите групи на храна кои доаѓаат во дебелото црево поради диспепсијата, и полусварена и несварлива храна. Нус продуктите при метаболизмот на корисните бактерии како млечната киселина најверојатно влијае на карциногените агенси кои влегуваат во цревата и ги неутрализира и на тој начин штити од колоректален карцином.

Како да одбереме добар извор на пробиотици со пребиотици? Сосема е во ред да пиеме различни производи на јогурт, кефир, кисело млеко, но ако сакаме да сме сигурни дека внесуваме во доволна количина треба да биде нагласено на производот или суплементот дека содржи минимум 100 милиони живи лактобацилни бактерии (Ацидофилус Лактобацилус, Бифидобактериум) на 1 грам јогурт или таблета.