Како да бидеме сигурни дека купуваме здрави производи

Во светот се познати некаде околу 23 000 продукти кои се користат во исхраната, и се уште е процес на истражување кои од нив да се издвојат како најдобри и најхранливи, т.е. кои од нив се најбогати со витамини, минерали, белковини, есенцијални масни киселини, влакна и разни фитонутритиенти кои дејствуваат како силни антиоксиданси.

Кои се критериумите?

  1. Мора да бидат богати со хранливи материи, не е доволно само да се богати и да го поттикнуваат здравјето, туку треба да бидат најбогат извор на хранливи материи во својата група, покрај тоа треба да имаат и научно потврдено влијание дека спречуваат одредени хронични заболувања.

  2. Мора да бидат интегрални. Тие не треба да бидат целосно преработени, не треба да содржат синтетички, вештачки или озрачени состојки, и кога е можно да бидат еколошки одгледани. Еколошки одгледаните продукти не само што го поттикнуваат нашето здравје, тие го поттикнуваат и здравјето на нашата планета.

  3. Мора да бидат познати. Најздравите продукти на светот се обични, секојдневни, како: зеленчук, овошје, риба, морски плодови, јаткасто овошје, семки, посно месо, мешунки, интегрални житарици, како и лековити билки и зачини кои се познати за повеќето од луѓето.

  4. Мора да бидат лесно достапни. Иако постојат многу продукти со исклучителна хранливост, многу од нив не се достапни во различни делови од светот. Значи најздравите продукти на светот се оние кои што луѓето без потешкотии можат да ги најдат на своите пазари.

  5. Мора да имаат прифатлива цена и најдобро е да ги купувате кога има е сезона во местото каде што живеете.Тогаш се најсвежи и најквалитетни.

  6. И за крај мора да бидат вкусни. Ако продуктот е здрав а не е вкусен , луѓето нема да уживаат во здравствените благодети што им ги нуди. Затоа најздравиот продукт мора да биде со богат и одличен вкус.

Најздравите продукти никогаш не се само вегетаријански. Во нив спаѓаат и млечни производи, риба, посно месо и живина.

Од друга страна кога зборуваме за најздрави продукти, покрај тоа што треба да содржат висока концентрација на витамини, минерали, влакна, антиоксиданси, треба да бидат неоптоварени со калории. Тоа се вика нутритивна густина или прехрамбено богатство, најдобрите продукти треба да имаат највисока концентрација на хранливи материи, а најмало количество на калории.

Пример: 1 мала чинија варена брокула содржи 123 мг витамин Ц и 44 килокалории. Ако го поделиме 123 со 44 ќе добиеме вредност 2,8, тоа значи дека со секоја калорија од брокулата добиваме 2,8 мг витамин Ц,т.е за 60 мг витамин Ц, треба да внесиме 18 килокалории брокула, значи дека брокулата има висока нутритивна густина. За разлика од неа, исто како пример ќе го земеме количеството на витамин Ц: 1 мала чинија пржени поховани кругови од кромид, содржи 200 килокалории и помалку од 1мг витамин Ц. За да ја внесете потребната дневна потреба од 60 мг витамин Ц, мора да изедете 17 000 килокалории. Навистина скапо ќе го платите дневниот внес на витамин Ц на овој начин.

Уште еден пример со витамин Е: мора да изедете 5 парчиња бел леб за да внесете количество на витамин Е, што се наоѓа во едно парче 100 % интегрален леб. Разликата ја плаќате со екстра 320 килокалории.

Во стотици епидемиолошки студии набљудуван е односот помеѓу интегралните продукти и нивните преработени верзии или суплементи кои ги содржат главните состојки од производот. Секогаш се доаѓало до исти заклучоци, интегралниот производ има поголем ефект од суплементот.

Како пример ќе го земеме испитувањето на ефектите на интегралниот бадем врз ЛДЛ (лошиот холестерол). Во самата кожурка од бадемот има флавоноиди и тие сами ја зголемувале отпорноста на ЛДЛ на оксидација за 18%, додека заедно со витаминот Е, кој го има во срцевината на бадемот, ја зголемувале отпорноста на дури 52,5%. Продуктот во својата интегрална форма е комплексен и содржи хранливи продукти кои синергистички го подобруваат нашето здравје. Досега се уште човекот не успеал да измисли производ кој ќе ги содржи сите хранливи материи во идеален облик и сооднос и кој ќе биде еднаков по синергистичкото делување како природниот интегрален продукт.

Резултатите од бројни славни студии кои се занимаваат со храната и хроничните болести, потврдуваат дека со конзумирањето на интегрални продукти со висока концентрација на хранливи материи, а мал внес на калории, се намалува стапката на болести и се продолжува животот.