Ендометриоза

Една од честите причини за инфертилитет е ендометриозата. Таа е комплексна хронична состојба што се јавува кај дури 10 до 15% од жените во репродуктивно доба, најчесто од 25-40 година и буквално претставува клетки на ендометриум (внатрешниот слој на матката кој се исфрла со секоја менструација) во карличната и стомачната празнина.

Една од најприфатените теории за причината за таа сложена и патолошка состојба е истекување на манструалната крв во обратен правец, од матката преку тубите кон јајниците, малата карлица и органите на малата карлица; дебело црево, бешика и тн. Најчест симптом поврзан со ендометриозата е болката во малата карлица, посебно во текот на менструацијата. Втор најчест симптом е поврзаноста на инфертилитет со оваа состојба, и најчесто се дијагностицира кај парови кои бараат третман за брачниот стерилитет. Точниот механизам е непознат зошто и на кој начин прави проблем со забременувањето. Кога е многу раширена по малата карлица, најчесто инфертилитетот настапува поради адхезии (сраслини) кои ги предизвикува ендометриозата на тубите (механичка опструкција). Се смета дека и овулацијата е оневозможена, посебно кога е формирана т.н чоколадна циста. Неможноста за забременување т.е концепција и имплантација на ембрионот се случува заради медијаторите на инфламација (воспаление) кои се во поголема концентрација кај овие пациентки.

Ендометриозата има типични карактеристики и изглед, и се дијагностицира дефинитивно со лапароскопска визуелизација, а во исто време и се третира, се вадат или горат лезиите и чоколадните цисти со што ќе дојде до подобрување на состојбата, но краткорочно. Вистината е дека нема ефикасен лек кој еднократно и ефикасно ќе доведе до лекување на патолошката состојба. Превенција се постигнува до одреден степен со орална хормонска контрацепција. Пациентката кај која е дијагностицирана ендометриоза се советува и на алтернативни начини за подобрување на симптомите посебно за контрола на болката (акупунктура), како и програма за исхрана која на долги стази многу ќе и помогне и во намалување на болката и во подобрување на фертилноста.

Ендометриозата своите симптоми ги пројавува преку медијаторите на инфламација, затоа при дијагностицирана ваква состојба се препорачува антиинфламаторна диета, избегнување на црвено месо, посебно масно, жолчки од јајца, бел шеќер ( посебно треба да се контролира внесот на јаглехидрати со висок гликемиски индекс) и др. Најдобар претставник на овој тип исхрана е зона диетата, која во суштина е осмислување на индивидуални програми за секоја пациентка, во зависност од конситуцијата, животните навики, откривање на причината за потенцирање на симптомите, а со тоа и избегнување на тие продукти. Нешто што има бенефит кај овие пациентки е зелениот чај, кој на долги стази ја намалува болката. Зелениот чај содржи анти осксиданс кој спречува создавање на нови крвни садови кога ќе дојде екопична имплантација на клетките на ендометриумот, а со тоа го спречува ширењето на ендометриозата.

Исто така, во последно време ендометриозата се поврзува со алергија на глутен и се препорачува диета без глутен. Тоа значи да се избегнуваат сите производи од пченица (леб, тестенини и т.н) во тек на 4-6 недели, кога би требало значително да се подобри подуеноста (карактеристична за ендометриозата) и болката во малата карлица. Исто така треба колку што може да се избегнуваат ксеноестрогените (хемиски материи кои се внесуваат од надвор, а во телото се однесуваат како хормонот естроген, но со многу појако дејство). Нив ги има во пестицидите, хербицидите и во пластичните амбалажи. Никогаш не купувајте кога производот е цврсто завиткан во пластична амбалажа. Физичката активност е исто толку важна за ублажување на ендометриозата, како што е важна за лекување на полицистичните јајници.

Покрај добро осмислената антиинфламаторна исхрана на долги стази, се препорачуваат и додатоци во исхраната како: Омега 3 масни киселини (и тоа високи дози 2×1000 мг минимум), Primrose oil од 1500 мг( 2 пати на ден).Витамин Ц и витамин Е, цинк и Б6, кои ја контролираат простагландиската рамнотежа и имаат антивоспалително дејство, високи дози на Б комплекс (за подобрување на апсорпцијата на есенцијалните масни киселини), магнезиум во доза од 200 до 600 мг на ден, (скоро кај сите жени со ендометриоза се докажа недостаток на магнезиум) и аминокиселината L-Metionin во доза од 500 мг на ден, бидејќи ја поттикнува детоксијацијата на вишокот естроген во јетрата.

Ендометриозата е сложена гинеколошка состојба која треба да биде третирана од страна на гинеколог специјалист, кој е обучен и едуциран во дијагностицирање и третирање на оваа состојба, и кој се разбира ќе даде поширока слика во третманот на оваа состојба.