Со исхрана до поголема плодност

Стерилитет или поточно инфертилитет е во суштина неможност да се зачне или да се доноси плодот до термин кога може да биде самостоен во надворешен свет.

Кога говориме за лекување на стерилитет, тогаш мислиме на обата партнера т.е. го лекуваме парот кој сака да има дете. Има многу познати медицински состојби кои доведуваат до неможност за зачнување и кои можат да се третираат. Овие медицински состојби се поделени на еднакви проценти кај женскиот и машкиот партнер, 40% од причините за стерилитет отпаѓаат на женскиот партнер, 40% на машкиот партнер, додека окулу 20 % се од заедничко или од непознато потекло. Со помош на медицинските техники дел од нив успешно се лекуваат и доведуваат до зголемен процент на забременување кај парот кој се бори со инфертилитет. Исто така со брзиот развиток на ин витро технологиите, успешно се третираат и оние парови каја кои не се докажала причината за стерилитет или истата не може да се отстрани.

Но многу од паровите не се советуваат да променат дел од навиките во исхраната и живеењето со што успешно можат да си помогнат и без сложени, некои дури и болни процедури, или ќе доведат до многу поголем успех и во ин витро методата ако се подложат на посебен индивидуален режим на исхрана, со посебен нагласок на одредени додатоци во исхраната кои би имале многу висок процент на успех и во спонтаното зачнување.

Нема да ги опишуваме сите можни причини за стерилитет, ниту пак би очекувале успех само со промена во режимот на исхрана каде причините се од механичка природа (опструкција на јајоводи). Најголем успех со нутритивен пристап би имале пациентките кои страдаат од полицистични јајници, ендометриоза, промени во хормоналниот статус, како и при лекување на машкиот стерилитет (намален број на сперматозоиди, намалена подвижност на истите итн). Третманот треба да трае 3 месеци за да се очекува значајно подобрување на клиничката слика.

 Една од најчестите причини за стерилитет се полицистични јајници. Се карактеризираат со промена во односот на FSH и LH односот, т.е има постојано покачени вредности на LH хормонот, високи вредности на естроген, покачени вредности на тестостерон, не доаѓа до овулација, последователно и до забременување.Имаат карактеристичен ултразвучен изглед (по што го добиле своето имe): зголемени јајници со задебелена срцевина-строма и со многубројни мали под 5 мм фоликули по површината на јајникот кои изгледаат како нишка со бисери. Овие пациентки покрај стерилитет, најчесто страдаат од нередовни оскудни менструации, зголемена длакавост и појава на акни по лицето и телото, со различен степен на манифестација и застапеност.Со сигурност не може да се каже причината за овој синдром, половина од пациентките имаат зголемена телесна тежина (BMI > 30) и кај нив е докажана инсулинска резистенција и кога истата се третира се лекува и синдромот на полицистични јајници. Инсулинска резистенција се докажува и кај дел од пациентките со ПЦО со низок BMI (body mass index). Многу интересно е кога се третира овој синдром шансите да забременат се зголемуваат за дури 80 %, ако се исклучени други причини за инфертилитет-стерилитет.

За нутритивната стратегија- третирање на ПЦО синдромот основно е да се состави индивидуален режим со кој ќе се доведе до губиток на телесната тежина и редукција на масното ткиво кај жената. Никако не смее да се држат брзи и ригорозни диети, бидејќи тие ќе доведат до губење на мускулно ткиво и течности од телото, а најголемата продукција на естроген и негова трансформација во тестостерон настанува токму во масното ткиво. Исто така масното поткожно ткиво е одговорно за инсулинската резистенција, како причинител на целата состојба. Исхраната треба да биде насочена кон исхрана со низок гликемиски индекс, да се отстрани све од бело брашно, слатки, и благи сокови, основната енергетска вредност да биде од овошјето и зеленчукот (треба да се набави и соковник, и да се користат свежо цедени сокови од овошје и зеленчук кои ќе помогнат во детоксикација на организмот-многу битна работа, бидејки ќе овозможи на јетрата да се ослободи побрзо од вишокот на естроген кој циркулира во крвта).

 Треба да се внесуваат доста махунарки-грав,леќа, боранија, соја, тофу, леблебија, лен кои покрај тоа што се производи со низок гликемиски индекс имаат природни својства да ги регулираат и хормоните. Строга редукција на заситени масти од животинско потекло, бидејќи масната храна како месото и масните млечни производи, само ја влошуваат инсулинската резистенција, а во исто време преку нејзе најчесто се внесуваат ксеноестрогените, вештачки продукти кои се даваат на животните за подобро месо или млеко, а имаат во телото на човекот ефект на естроген, и со тоа ја влошуваат состојбата на полицистични јајници. Значи изворот на протеини и масти треба да биде од риба, соја, махунарки, со тоа ќе се внесат доволно количини на Омега 3 масни киселини, кои покрај инфламаторниот ефект, поволниот ефект врз инсулинската резистенција имаат поволен ефект и во регулација на хормоналниот статус.

Строго е забранета консумацијата на алкохол, бидејќи истиот во големи количини се однесува како естроген во телото, и ја попречува ресорпцијата на цинк, железо и Б6, многу потребни за одржување на фертилноста. Најмногу 1 чаша црвено вино ,кој има протективно дејство врз крвните садови и срцето, доведува до подигање на добриот холестерол во крвта.

Од суплементи се препорачуваат: Омега 3 масни киселини од рибино масло, витамини од Б групата, saw palмetto препарат за кој клинички е докажано дека ги блокира вишокот на машки хормони во крвта, растението кое расте во медитеранските краишта vitex agnus castus или калуѓерски бибер, или дрво на невиноста, кој го потикнува јајникот да овулира и да синтетизира прогестерон.

Во секој случај било кој од овие препарати како и почеток на посебен режим, не смее да се започне без консултација со гинеколог, или сертифициран нутриционист во таа област.