Што е ФСХ и што значи високо ниво на ФСХ?

Постојат голем број фактори кои може да влијаат да не дојде до зачнување по природен пат. Она што е важно е да се утврди кои се тие фактори и да се даде точна дијагноза.

Утврдувањето на вистинските фактори бара пациентите да се подложат на серија  испитувања и тестови за плодност. За многу пациенти, добивањето на резултатите од  овие тестови може да биде возбудливо надевајќи се на одговори , но исто така може да биде збунувачко и застрашувачко па тие да се прашуваат што значат тие резултати.

Еден од најчестите и најважните тестови кои треба да се направат е тест на крвта за мерење на нивото на ФСХ.

Но што e тоа ФСХ и што значи неговата висока вредност?

ФСХ е Фоликуло стимулирачки хормон кој се произведува од страна на хипофизата. Тој е еден од најважните хормони вклучени во овулацијата и е одговорен за помагање на јајниците да создадат зрели јајни клетки.

Нивото на ФСХ варира во текот на целиот циклус  и неговата вредност е највисока непосредно пред овулацијата.  Но високото ниво на ФСХ за жал не  е позитивна индикација за плодноста.

Зголемените нивоа на ФСХ обично се знак дека вашето тело работи понапорно од нормалното за да произведе јајни клетки. Вашето тело ќе произведува повеќе ФСХ додека не овулирате, а доколку не дојде до овулација ќе продолжи да прозведува ФСХ на неодредено време. Како резултат на тоа, невообичаеното високо ниво на ФСХ може да покаже намалена оваријална резерва или доколку вредноста е над 40 , да укаже дека сте влегле во менопауза.

Во ретки случаи, покаченото ниво на ФСХ може да укаже на генетски или физички проблем кој влијае на надбубрежните и хипофизните жлезди. Вродената надбубрежна хиперплазија е наследно нарушување кое може да влијае на начинот на кој телото произведува хормони и да резултира со зголемено ниво на ФСХ. Туморите на хипофизата се обично бенигни ( не канцерогени), но исто така можат да влијаат на начинот на кој хипофизата произведува хормони, вклучувајќи го и ФСХ.

Кои се начините да се намалат нивоата на ФСХ?

Високото ниво на ФСХ е само симптом  кој укажува на причината за намалена оваријална резерва, а не болест или коренска причина за неплодност.  Општо земено кога се зборува за намалување на нивоата на ФСХ , се мисли на зголемување на функцијата на јајниците. Во моментов истражувањата не се доволни за тоа дали постојат ефективни начини за да се спречи стареењето на јајниците но некои промени во животниот стил кои се препорачуваат, може значитело да го подобрат нивниот квалитет. Исто така како корисен пред третманот со ИВФ  се покажа  хормонот познат како дехидроепиандростерон (ДХЕА) кој ја подобрува оваријалната резерва.

Важно е да се запамети дека ФСХ е само еден резултат од низата други испитувања и не се разгледува во изолација од другите. Заедно со другите рутински резултати од испитувањата, како што се нивоата на Анти Милериан хормон (АМХ), ултразвучните прeгледи и антралните фоликули, ќе се добие една попрецизна слика за ситуацијата.