Дали страдаме од синдром на токсично масно ткиво?

Многу е тешко нешто да се третира, ако немаме начин истото да го дијагностицираме, “измериме“. До пред неколку години тоа навистина беше апстрактен дел од медицината, но денес веќе е општо прифатен поимот тивка инфламација, метаболен синдром или синдром на токсично масно ткиво и најдени се начини истата да биде регистрирана.

Најдобриот начин да се дијагностицира е секако со анализи на крвта, а не со општа инспекција, бидејки некогаш спортистот оваа патолошка состојба на организмот, може да ја има во поизразена форма од лесно пополнет човек.

 

Кои се субјективните маркери за тивка инфламација на телото или синдром на токсично масно ткиво?

Ако одговорите позитивно на повеќе од 3 од овие прашања тогаш сигурно имате некој степен на тивка инфламација:

  1. Дали имате прекумерна телесна тежина? – и тука не се мисли на BMI (body mass index), туку на процент на масно ткиво. Идеално е да се има 22 % за жени и окулу 15 % за мажи!

  2. Дали сте уморни веднаш после станување од 7-8 часовен сон?

  3. Дали реагирате прекумерно и преемотивно на стресна ситуација?

  4. Дали постојано имате глад за тестенини или благо?

  5. Дали сте уморни во текот на денот?

  6. Дали сте гладни 2 часа после обилен оброк?

  7. Дали имате кршливи нокти и слаба и крта коса?

  8. Дали земате лекови за снижување на холестерол во крвта?

Крвни маркери за постоење на синдром на токсично масно ткиво или хронична тивка инфламација

Од оние кои можеме да ги реализираме се односот помеѓу вкупните триглицериди и вредноста на HDL (добар) холестерол, земени на гладно. Колку е повисок, посебно ако е повисок од 4, тогаш е многу веројатно дека страдате од овој синдром. Исто така односот на овие два маркера е показател и за инсулинска резистенција и постоење на метаболен синдром. Колку повисок, толку поголем степен на инсулинска резистенција. Секогаш кога ќе се добие висок однос на TG/HDL треба да се направи и ниво на инсулин на гладно (повисок од 10uU/ml) оди во прилог на претходните наведени состојби.

Но сепак најдобра и најосетлива анализа од крв, која ќе покаже синдром на токсично масно ткиво е испитување на однос помеѓу АА/EPA т.е. арахидонска киселина и еикосапентаниочна киселина. Ова испитување не се прави во нашите лабаратории и не би можеле многу да се задржиме на него. Но сепак да споменеме дека, вредности кои одат во прилог на здрав организам, без склоност кон хронични и малигни болести се окулу 3, или идеално 1,5(АА/EPA), се што е повисоко од 9 е асоцирано со болести. Со тие вредности се карактеризираат луѓето кои живеат во Јапонија, и важат за најдолговечни и најздрави луѓе во светот, додека пак оние кои живеат окулу Медитеранот имаат вредности од 6-9. Американец кој спаѓа во групата на “здрава“ индивидуа има однос окулу 12. Сепак се уште се држиме во некаков баланс со храната, но ако продолжиме без размислување и критичност да ја прифаќаме “фаст фуд“ идеологијата брзо ќе влеземе во групата на “здрави“ американци. Ако односот е 20 и повеќе тогаш со сигурност е асоцирано со некоја хронична болест: диабетес, хипертензија,срцево болен, малигна болест итн. Овој однос во суштина го покажува про инфламаторниот одговор на телото, т.е состојбата на телото кога е нападнато од многу висока концентрација на арахидонска киселина. Друга есенцијална масна киселина која ја одредуваме преку крвни анализи е DGLA или дихомо-гама-линоленска киселина, што е антиинфламаторна, се бори со состојбата на организмот да не се разболува и колку повеќе ја содржиме толку повеќе го одржуваме телото младо и здраво (antiaging effect).